Спогодбено раскинат договорот со Бојан Круљ

Управата на Брера Струмица спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб  Бојан Круљ од Србија. Одлуката од двете страни е донесена откако првиот тим не ги даде очекуваните резултати на стартот од првенството и истите не се вклопуваат во амбициите и стратегијата на клубот за ова сезона.  Двете страни во интерес на клубот одлучија по поразот од Струга Тим Љум, трет последователен, да ја раскинат соработката. Ова значи дека стручниот штаб предводен од Бојан Круљ заедно со Душан Дошљак и Милош Поповиќ нема да го предводат првиот тим на Брера во продолжението на првенството.

,,Сакам да му се заблагодарам на Бојан Круљ со неговите помошници за посветената работа во изминатиот период. Одлуката е заедничка, во интерес на клубот за наредниот период. Јавноста наскоро ќе биде информирана околу изборот на новиот тренер. Ни следува репрезентативна пауза која ќе ја искористиме за максимална подготовка на првиот тим за следните мечеви од оваа сезона,, соопшти генералнниот директор на клубот Ване Стојанов

Бојан Круљ во нашиот клуб дојде лани во декември за вториот дел од првенствената сезона, кога го замени италијанецот Џовани Валенти. Под негова палка Брера во последната сезона го осигури опстанокот во Првата лига.

Упатуваме благодарност до Бојан Круљ и неговите помошници Дошљак и Поповиќ за професионализмот во изминатиот период како и за придонесот и досегашната соработка. Им  посакуваме  многу успеси во понатамошната кариера !

This site is registered on wpml.org as a development site.