Во рамките на вонредното коло од Првата фудбалска лига на Македонија – утре на стадионот Кукуш во Турново го пречекуваме тимот на Шкендија од Тетово. Ова ќе биде уште еден сериозен тест и предизвик за нашите момци за да ги презентираат своите квалитети но и да се вратат на добрите резултати кои ги започнавме со стартот на пролетниот дел од првенството. Поразот од Гостивар е веќе минато и сите мисли се насочени кон составот од Тетово кој е доста квалитетен за што зборува и пласманот на прволигашката табела и учинокот во досегашните 21 првенствено коло.
Даниел Миловановиќ кој стрелаше на стадионот Кукуш во Турново на мечот со Македонија ЃП вели дека сите погледи на играчите се свртени кон Шкендија и дека екипата е мотивирана да го даде максимумот.
,,Атмосферата во тимот е одлична. Се рекупиравме добро после тешкиот натпревар со Гостивар. Мислам дека огромна е мотивацијата кај сите нас за добра игра и отворен фудбал. Сите оние што ќе дојдат да не следат во Турново ќе видат една мотивирана Брера која на теренот ќе го даде својот максимум за да оствариме позитивен резултат. Ова нека биде и покана од мое и од името на моите соиграчи, да дојдат утре на стадионот Кукуш во Турново и да не подржат за уште еден подвиг за да докажеме дека не беа случајни првите две победи,, вели Даниел Миловановиќ.
Мечот Брера Струмица – Шкендија е закажан во 14 часот. Влезниците по 100 денари се пуштени во продажба а вратите на стадионот Кукуш се отвораат во 13 часот и 30 минути. Имено по 21 првенствено коло нашиот тим се наоѓа на седмата позиција со вкупно 26 бода додека пак тетовскиот состав се наоѓа на третата позиција со вкупно 42 која има амбиции да го нападне и првото место.