Интервју со Ѓоргиевски: Брера е еден од најорганизираните клубови во Македонија кој дава акцент на младите !

18 годишниот Мартин Ѓоргиевски е еден од плеадата млади квалитетни играчи на ФК Брера од Струмица. Станува збор за  еден од најперспективните не само во нашиот клуб туку и во Македонија.  Паралелно е и капитен на младинската репрезентација на Македонија до 19 години. Станува збор за доста талентиран фудбалер кој има одлични перформанси и веќе го сврте вниманието на фудбалските работници во земјава и странство. Се смета за еден од најдобрите играчи од генерацијата 2005 во земјава.  Во есенскиот дел на првенството за нашиот тим одигра дури 16 првенствени меча. Постигна гол против Тиквеш и запиша асистенција против Струга Трим Љум. Освен што е дел од репрезентацијата У19,  Мартин Ѓорѓиевски кој важи за играч кому му препишуваат одлична кариера,  сериозно тропа и на вратите на сенироскиот тим. Во Брера е веќе три години и како што вели клубот е доста организиран кој дава акцент на младите при што најави дека како тим во пролетниот дел же го поправат впечатокот.

 

Колку време си во АП односно во Брера и што ќе кажеш за клубот од сегашен аспект ?

Ѓоргиевски : Ова е моја четврта година во Академија Пандев,  односно Брера Струмица, што значи дека овде во Струмица и клубот сум од мојата 15 та година а веќе три години сум професионален фудбалер. Според мене Брера е еден од најорганизираните клубови во Македонија кој става посебен акцент на младите фудбалери.

Дали според тебе ФК Брера дава доволен акцент на развој на младите фудбалери

Ѓоргиевски : Секако. Тоа се гледа и по нас, по тоа што сме најмлада екипа во прволигашкото друштво. Во нашата лига со напорна работа секој ќе ја добие својата шанса а стручниот штаб е секогаш тука за поддршка и мотивација да ни го трасира патот за поголеми успеси на индивидуален план.

Оценка за годинашнава првенствена сезона ?

Ѓоргиевски : За досегашнта сезона не можам да кажам дека сме задоволни. Очекувавме и се надевавме на повисок пласман. Но во втората полусезона убеден сум дека тоа ќе се подобри особено по квалитетните подготовки во Анталија.

Што може да очекуваме од Брера во пролетниот дел од првенството?

Ѓоргиевски: Многу борба на секој натпревар, максимална посветеност за да се искачиме повисоко каде што ни е местото.

Мартин ќе дава ли голови до крајот на сезоната ?

Ѓоргиевски:  Секако. И голови и асистенции. И екипата и навивачите сите сакаме голови и победи.

Кој е Мартин Ѓоргиевски и каков е надвор до теренот

Ѓоргиевски: Кога не тренирам и не играм фудбал, главно гледам фудбалски натпревари и така најчесто го поминувам слободното време. Струмица е интересен град кој нуди многу забава не само навечер туку и преку цел ден, така да,  кафе дружбата со колегите од тимот секогаш е добредојдена за релаксација, интересен разговор, размена на искуства и по некоја компјутерска игра.

Како би се опишал, има ли Мартин маани или кој му се предности?

Ѓоргиевски:  Ова прашање може да го одговорат оние што подобро ме познаваат и следат. Ретко кој сам може да зборува за своите маани и предности

Која е твоја желба , лична и професионална ?

Ѓоргиевски: Моја желба е секако еден ден да заиграм во некој европски клуб како и што поскоро да дебитирам во сениорскиот тим на Македонија

За кого навиваш и кој ти е омилен фудбалер ?

Ѓоргиевски: Навивам за Манчестер Јунајтед а идол ми е Бруно Фернандеш, намногу затоа што позицијата во тимот ми е иста со неговата и на моменти се препознава себе си во неговиот стил на игра.

Која е пораката твоја до останатите млади фудбалери

Ѓоргиевски:  Јас сум млад фудбалер а на помладите од мене би им препорачал вредно да тренираат да го следат својот сон и никогаш не се откажуваат.

This site is registered on wpml.org as a development site.